Заев им ја честита Нова година на струмичани

Градоначалникот на Струмица Зоран Заев денеска ја испрати последната новогодишна честитка како прв човек на општина Струмица. Иако во обраќањето, Заев вели дека не сака да ги употреби зборовите „за последен пат“, сепак напоменува дека се тече и се менува, а времето носи неизбежни промени кои треба да ги прифатиме.

– Во изминате, безмалку 12 години, сплотени во љубовта кон својот град и општина и уверени дека заедно можеме многу, оставивме свој белег во развојот на нашата родна грутка. Се што беше направено, не беше дело на Зоран Заев, туку наше заедничко дело, дело на градоначалникот и неговите сограѓани. Сите наши успеси ги темелевме на заемна доверба, и тоа од првиот до последниот ден. Ако заедно ги прифаќавме предизвиците, ако заедно идеите ги претворавме во дела, тогаш имаме право и заедно да се гордееме со она што сме го сработиле, вели Заев.

Според него, Струмица беше и ќе остани репер за сите други општини во Македонија, з ашто сведочат и бројните награди како валоризација на заедничкиот успех.

– Подоцна ја споделив со вас мојата искрена порака „Струмица во срцето“. Сакам да знаете дека Струмица во тоа срце ќе остане вечно, затоа што е дел од мене, затоа што сум и јас дел од неа. Бидете уверени дека за таа општина Струмица и понатаму ќе бидам ревносен борец, овој пат од повисока инстанца, се вели во обраќањето на Заев.

Заев вели дека ја остава општината во добри раце, со убедување дека и идниот градоначалник кој ќе ја добие довербата на следните локални избори, ќе биде, според Заев, човек домаќин кој вистински ќе ја сака Струмица.

– Имајте верба во себе. Имајте верба во вистинските вредности и продолжете да ја негувате љубовта кон својата општина. Ви посакувам здравје, среќа, успех, спокој, семејна хармонија и благосостојба и живот по ваша мерка, живот каков што заслужувате. Нека ви е среќна Новата 2017 година и нека ни е среќна Струмица во подобра, слободна и просперитетна Македонија, вели Заев.

маркетинг


Select