Груевски од Вељуса најави нови 70.000 вработувања

img-309153

Нови 70.000 вработувања, продолжување на субвенционирањето во земјоделството со вредност од 600 милиони евра во наредните четири години, како и проекти за младите предвидува Програмата „Реално“ на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ која денеска пред жителите на струмичкото село Вељуса ги презентираше лидерот на партијата и носител на листата на кандидати за пратеници во ИЕ 4, Никола Груевски.

„Во 2006 година во Македонија беа вработени се на се 560.000 луѓе. Денес се вработени над 720.000. Планот ни е некаде до крајот на следниот четиригодишен мандат, до 2020 година, во Македонија да има приближно 800.000 вработени. Значи, да се отворат нови 70.000 работни места во Македонија“, рече Груевски.

Тој истакна дека покрај економијата и намалувањето на невработеноста, една од клучните области на која посветиле внимание и во изминативе години се извршиле големи промени е земјоделството бидејќи, како што истакна, тоа е еден од основните столбови на нашето општество. Подвлече дека во изминатите години распределени се над 62.000 хектари слободно земјоделско земјиште, а меѓу новите проекти го издвои „Рурални развојни зони“ со кој треба да се овозможи развој на руралните места и нови вработувања.

Со овој проект, кој ќе се спроведува во тек на пет години, секој кој ќе инвестира во производствен погон, хотел или слично, ќе биде ослободен од данок во наредните десет години, државата ќе покрие 10 проценти од неговата инвестиција, а за секое вработено лице ќе добие 2.000 евра, односно 4.000 евра за повторно вработен стечаец.

Со проектот „Рурални развојни зони“ може да биде опфатено и населеното место Вељуса.

Овој проект, истакна Груевски, е единствен во Европа кој нуди вакви субвенции. Меѓу проектите го издвои и реконструирањето на Домот на културата, а жителите ќе имаат корист и од изградбата на гасоводот Штип – Хамзали – Струмица – Гевгелија – грчка граница, кој треба да почне да се гради во почетокот на наредната година.

Во однос на поддршката за младите, Груевски најави дека покрај проектот „Купи куќа за млади до 35 години“ со кој досега станбеното прашање го решиле над стотина млади лица и кој се предвидува да продолжи, во наредниот четиригодишен период ќе се спроведува и проектот „Купи куќа за лица над 35 години“. Овој проект предвидува субвенционирање на ратите во износ од 65 проценти за првите седум години и 35 проценти субвенционирање за наредните три години.

Подвлече дека во Програмата „Реално“ се предвидуваат изградба на над 70 водоводни и канализациски мрежи во вредност од 60 милиони евра, изградба на три нови автопати, на шест експресни патишта, меѓу кои и патот Штип – Радовиш кој е од особено значење за жителите во струмичкиот регион.

Пред жителите на Вељуса Груевски говореше и за проекти што се спроведуваат во општина Струмица со цел подобрување на животниот стандард на околу 230.000 жители кои гравитираат кон овој регион.

Меѓу проектите ги посочи реконструкцијата на Општата болница, инвестиција вредна четири милиони евра, набавка на 125 апарати за здравствените установи во Струмица во вредност од околу еден милион евра, отворање на две градинки, изградба на затворен пливачки базен со олимписки ватерполо димензии, изградба на четири тениски терени, како и други спортски објекти.

маркетинг


Select