Во 2017-та нова концертна сала за Филхармонијата и објекти на Струмичкиот и Албанскиот театар

Буџетот за 2017 година на Министерството за култура изнесува 4.085.279.000 денари и во споредба со Буџетот за 2016 година е поголем за 546.198.000 денари или за 15,43 проценти.

Зголемување има и во програмските средства на Министерството за култура, кои изнесуваат 893.367.000 денари, за  финансирање проекти од национален интерес во културата од музичко-сценската дејност, драмската дејност, библиотечната дејност, заштита на културното наследство, музејската дејност и за промоција на македонската култура во странство.

И во наредната година Министерството за култура ќе продолжи со континуиран откуп на ликовни дела, откуп на скулптури од галериски формат, а се обезбедени средства и за стимулација на домашната народна и забавна музика, како и за стимулација на сериозната музика.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во интервју за МИА вели дека во 2017-та ќе биде промовирана новата концертна сала на Македонската филхармонија, што се очекува кон крајот на март, како и театарот во Струмица и реконструираниот Албански театар-Скопје. Ќе продолжат и активностите за изградба на Турскиот театар, културно-образовниот центар во Тетово, реконструкцијата на Универзална сала, изградбата на нови објекти за Драмскиот театар и театарот Комедија, како и реконструкција на објектот кој го користат установите во Охрид.

Интензивно ќе се реализираат и проектите од областа на заштитата на културното наследство, меѓу кои се обновата на опожарените конаци на манастирот „Трескавец” во Прилеп, ќе се заврши конзервацијата на манастирот „Св. Никола” во Мариово, конзервацијата на Јени џамија во Битола и нејзината адаптација во галериски простор, ќе биде отворена Галерија на икони во црквата „Успение на Пресвета Богородица” во Ново Село, Штип, ќе продолжат превентивни заштитни мерки на црквата „Св. Архангел Михаил” – Берово, која е споменик на културата од 19 век, конзервацијата и реставрацијата на манастирскиот комплекс „Св. Никола” во село Љубанци, ќе  заврши проектот за реконструкција на споменикот „Македониум” во Крушево.

Во 2017 година ќе продолжи изградбата на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, ќе продолжат археолошките истражувања на повеќе локалитети, ќе се довршат конзерваторско-реставраторските работи на Скопската тврдина Кале, а обезбедени се и средства за истражување, за реконструкција и санација на Античкиот театар во Скупи.

Меѓу проектите кои следната година ќе ги реализираат институциите од културата, таа ја издвои премиерната изведба на мјузиклот посветен на Тоше Проески, насловен „Тајно моја“, на Македонската опера и балет.

– Верувам дека и следната година, како и оваа 2016 година, ќе биде мошне успешна во областа на културата и во таа смисла, сакам да упатам голема благодарност до сите вработени во институциите од областа на културата, до директорите на установите, до вработените во Министерството за култура, до сите автори и уметници кои во континуитет даваат свој голем придонес во интензивирањето на културниот развој на Република Македонија, истакна Канческа-Милевска во интервјуто на МИА.

маркетинг


Select