Андреевски ги демантира обвинувањата од ВМРО ДПМНЕ

Митко Андреевски од фирмата Си Ен Џи Системс која оперира со гасот во Општина Струмица, во понеделник испрати демант до медиуми за наводите од ВМРО-ДПМНЕ, од каде тврдат дека лидерот на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев му овозможил да се богати на сметка на граѓаните.

„Стана јасно дека измислените текстови на весникот Вечер се нарачка на ВМРО-ДПМНЕ. Информирам дека е целосна измислица изнесеното на денешната прес конференција на Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, поврзано со моето име и работата на фирмата СИ ЕН ЏИ Системс.

Истите лаги се објавени по трети пат и во весникот Вечер, во текст објавен во денешното издание, 09.01.2016 година, за што веќе испратив Демант и барање за извинување.

Повторувам за јавноста дека фирмата СИ ЕН ЏИ Системс е основана и работи исклучиво согласно законските прописи во Република Македонија.

Повторувам дека фирмата СИ ЕН ЏИ Системс го доби тендерот за набавка на CNG и негова достава за Ј.П Струмица гас заедно со друштвото Галилео С.А, на меѓународен повик за доставување најповолна понуда, во согласност со највисоки стандарди и доставена најниска цена. Непознавање или намерната шпекулација е дека постои екслузивитет во оваа набавка, занејќи дека пазарот на природен гас е либерализиран и може да учествуваат и останати фирми.

Чиста измислица е дека фирмата СИ ЕН ЏИ Системс била фантомска и нема вработени и опрема, бидејки оваа фирма, работи во партнерство со друштвото Галилео С.А и е застапник на други два светски познати компании, користи опрема во оперативен лизинг за реализација на работните проекти, а бројот на ангажирани лица во нив е 6, не 1.

Повторувам дека цената по којашто се набавува гасот е согласно Пазарот на природен гас и во овој момент таа е уште пониска од цената врз основа на којашто е доделен распишаниот меѓународен тендер.

Чиста измислица се бројките и таканаречените пресметки за конструирани заработки, што категорично ги демантирам.

За тенденциозните конструкции дека единствен клиент на фирмата СИ ЕН ЏИ Системс било Ј.П Струмица гас, веќе укажав дека се премолчува фактот дека фирмата СИ ЕН ЏИ Системс работи со CNG (compressed natural gas) во единствената општина којашто има реализирано гасовод во Македонија.

Укажувам дека посочената фирма во партнерство со други трговски друштва го доби проектот за снабдување со гас на Ј.П Струмица гас кога јас не сум бил претседател на Комисијата за енергетика на СДСМ.

Барам извинување од Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ за изнесените лаги, во спротивно ќе покренам и против него тужба за клевета.

Ја извесувам јавноста дека денеска исправив трети Демант до Вечер во врска со повторуваните и надградени лаги од страна на весникот, што ги пласираат и порталот Курир и други медиуми. До весникот Вечер, како и одговорниот уредник и новинарот веќе е покрената тужба за клевета“, вели Андреевски во демантот.

маркетинг


Select